Кубанците добија безжичен интернет

Кубанските власти одобрија да се користи досега забранетиот безжичен интернет, кој вчера беше пуштен во Културниот центар во Хавана, место што секојдневно го посетуваат десетици млади луѓе. Управата на центарот најави дека кубанската телекомуникациска мрежа Етекса дозволува безжичен интернет, но со строги правила на користење.

Сервисот, како што јавува Вашингтон Пост е бавен во споредба со интернетот кој се користи во развиените делови на светот. Сепак Кубанците велат дека е благодет кој им дозволува пристап до Фејсбук, до светските вести, но и комуникација со пријателите и семејствата во странство.

Куба е држава со најниска стапка на поврзаност со интернет каде може да се пристапи само преку фиксна телефонска линија и е со ограничувања. Кубанските власти ги оправдуваат тие ограничувања со оценка дека интернетот треба да биде во служба на општеството односно за школство и образование. Властите претходно дозволија отворање на стотици интернет локали каде што еден час онлајн чини околу 4,5 долари, но брзината е далеку побавна од онаа во Културниот центар.