Куба ќе ја признае приватната сопственост со новиот устав

Куба за првпат официјално ќе ја признае приватната сопственост со новиот устав кој носи бројни промени, пренесува ББЦ.

Продажбата на имот во земјата беше забранета откако Фидел Кастро стапи на власт во 1959 година, но се дозволи со законските измени во 2011 година. Новиот устав на државата водена од комунистите сепак ќе потврди дека централното планирање и државните претпријатија се клучни за економијата, а се очекува да биде изгласан на националното собрание следната недела.

Нацрт-уставот потоа ќе биде ставен на референдум за конечно да биде одобрен во текот на годината. Ако биде усвоен, тој ќе го замени постоечкиот устав, кој беше одобрен од страна на Комунистичката партија во 1976 година.

Според предложените реформи, партијата  ќе остане доминантна политичка сила на Куба, пишува весникот „Грама“. Но, претседателите ќе бидат ограничени со максимум два последователни петгодишни мандати, а политичката моќ ќе биде поделена помеѓу претседателот и премиерот.

Уставот ќе ја забрани дискриминацијата врз основа на пол, етничко потекло или попреченост. ЛГБТ групите се надеваат дека ќе се легализираат истополовите бракови.

Од 2010 година, Куба претрпе серија пазарни реформи насочени кон зајакнување на економијата. Националното собрание минатиот месец предложи бројни уставни реформи – вклучувајќи го и ограничувањето на претседателскиот мандат и легализацијата на истополови бракови.

Последната уставна реформа во 2002 година наложи дека социјалистичкиот карактер на политичкиот систем во Куба е „неотповиклив“. Намерата на предложените реформи е уставно формализирање на економското и социјалното отворање на земјата, но без притоа да се загрози „неотповикливиот” социјалистички систем.

Претседателот Мигел Диас-Канел минатиот месец објави дека поранешниот претседател Раул Кастро ќе ги предводи реформите.