„Ксенофобија“ е збор на годината според Dictionary.com

Интернет речникот „Dictionary.com“ го прогласи зборот ксенофобија за збор на годината.

Брегзит, политичкото насилство, бегалската криза и претседателската кампања во САД се само некои од случувањата кои придонеле корисниците се почесто да го пребаруваат тој збор.

Во речникот „ксенофобија“ се дефинира како „страв или омраза кон странци и луѓе од различна култура“, а во план е значењето на зборот да се прошири и на страв од недопаѓање на „обичаи, облекување и култура на луѓе од различно потекло“.

Зборот „ксенофобија“ бил најпребаруван на 24 јуни, на денот кога Британија гласала за излез од Европската унија. Пребарувањето на зборот скокнало за 938 отсто во периодот од 22 до 24 јуни, а голем пораст забележал и на 29 јуни кога Обама изјавил дека кампањата на републиканецот Доналд Tрамп не е мерка за „популизам, туку за нативизам и ксенофобија“.

„Ксенофобија“ има грчко потекло од зборот „ксенос“, што значи странец или гостин и зборот „фобос“ што означува страв или паника.