Крушево добива полетилиште за параглајдинг кај Мечкин Камен

Во Крушево денеска ќе биде пуштено во употреба новото полетилиште за параглајдинг.  Полетилиштето се вика „Мечкин Камен – Исток”, а се наоѓа во близина на локалитетот Мечкин Камен.

Параглајдер

Инвестицијата е проект на УСАИД за експанзија на мали бизниси, а се реализира во соработка со Општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Воздухопловната федерација на Република Македонија и искусни параглајдеристи од земјата. Со овој проект годинава ќе бидат опремени четири полетилишта и слетишта за параглајдинг во земјава.

Параглајдингот е популарен кај странските спортисти и кај туристите, кои ги користат услугите на локалните клубови за параглајдинг. Идејата е новата опрема да ги направи овие терени попривлечни за странските и домашните посетители и да ја помогне локалната економија.