Репортери без граници: Прекршено правото на медиумите да известуваат во 90 земји, од почетокот на пандемијата

Меѓународната организација „Репортери без граници“ регистрираше кршење на правата на медиумите за време на известувањето за коронавирусот во речиси 90 од 193 членки на Обединетите Нации од почетокот на пандемијата, пренесува српски „Н1“.

Пандемијата им овозможи на бројни влади да променат закони, правила или да воведат посебни мерки кои особено влијаат на медиумите.

Додека „корона законите“ го олеснија начинот за да се „загуши“ пишувањето на критичките медиуми, како во Унгарија, во други земји, пак, како Камбоџа, Мјанмар, Србија и Турција такви закони не биле потребни за да се апсат новинари само за еден напис за Ковид-19, укажуваат од организацијата.

Владите мора да престанат да го криват „гласникот“ и да преземат активности за да ја заштитат слободата на медиумите и правото на новинарите да обезбедат веродостојни информации, посочуваат од организацијата.

Според наводите, ниту еден регион во светот не е поштеден од искушението да се ограничи или контролира известувањето за пандемијата, а особено е вознемирувачки што во некои земји, претседателите се одговорни за кршење на слободата на медиумите.

Во Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп вербално нападнал најмалку осум новинари за време на неговите прес-конференции од почетокот на пандемијата, додека бразилскиот претседател Жаир Болсонаро бил повеќе активен во кавгата со медиумите, отколку да се посвети на борбата против Ковид-19, се додава во нивното соопштение.