Кризниот штаб предложи наставата да почне со физичко присуство и да има рестриктивни мерки за влез и излез од државата

На денешната Седница на Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија беше предложено образовниот процес да се одвива со физичко присуство, со одредени исклучоци, но истовремено е потенциранна потребата од воведување рестриктивни мерки при влез и излез од државата за сите граѓани, а со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19.

„На предлог на Министерството за образование и наука, на денешниот состанок на ГККШ, кој го водеше премиерот Заев беше оценето дека се создадени услови, почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во Одлука која ќе биде донесена на наредната Владина седница. Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ е големиот број на вакцинирани наставници и училиштен кадар (моментално 60 проценти се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата)“, стои во соопштението по седницата.

Во оваа насока, се и протоколите, изработени од епидемилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата. На состанокот беше заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моменталниот процент е 60 проценти.

На состанокот на Кризниот штаб на Владата се донесе заклучок да се предложи, на Владина седница да се разгледа потребата од донесување одлука, при влез и излез од Република Северна Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан КОВИД-19 (но не подолг период од 45 дена од оздравувањето) или негативен ПЦР тест.

На денешниот состанок, се разговараше и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено, да важи и потврда за прележан КОВИД-19, за период до 45 дена од оздравувањето.

Овие предлози на Кризниот штаб ќе бидат разгледани на утрешната Владина седница.