„Кризата нè втурна во сиромаштија и ризици по нашето здравје“ – сексуалните работници погодени од ковид кризата

Сексуалните работници се чувствуваат сериозно погодени од кризата предизвикана од Ковид-19, од здравствен, економски и социјален аспект.

„Кризата не втурна во сиромаштија и во сериозни ризици по нашето здравје, додека не добиваме никаква поддршка од институциите со цел да се намалат негативните последици од кризата по нашата благосостојба“, реагираат тие, информирајќи дека годинава нема да се организира Маршот на црвениот чадор.

Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници годинава се одбележува со нагласување на борбата против насилството и дискриминацијата со кои се соочува оваа заедница, особено во кризни ситуации како што е актуелната состојба со Ковид-19 пандемијата.

Во кампањата се вклучија СТАР- Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини.

Тие бараат вклучување во владините социо-економски мерки за заштита, пристап до соодветни заштитни здравствени услуги со цел превенција на ширење на вирусот, подеднакво уживање на работничките права, полесен пристап до социјална помош, како и надминување на стигмата, неправдата и дискриминацијата која е присутна кон заедницата.

„Нашите клучни барања од институциите за заштита и поддршка на сексуалните работници се:

       Да нѐ препознаат како особено ранлива популација на КОВИД-19 и последиците од КОВИД-19.
       Да се формулира пакет социо-економски мерки со цел таргетирана поддршка за нашата заедница.
       Да се обезбеди непречено функционирање на услугите и програмите за ХИВ, намалување на штети од употреба на дроги, превенција и поддршка на жртви на насилство за време на пандемијата.
       Да нѝ се овозможи континуиран пристап до квалитетни здравствени услуги, помеѓу кои и олеснет пристап до хормонска терапија на трансродовите лица.
       Да бидеме вклучени во процесите на креирање национални протоколи и политики како одговор за време на пандемијата.
       Да се препознае сексуалната работа како работа и да се почитуваат нашите работнички права.
       Да нѝ се обезбеди здравствена и социјална заштита за време на кризата“, стои во соопштението.

Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како спомен и  бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминацијата и насилството.