Кривична пријава за малолетникот што шутираше куче на кумановско игралиште

Кумановската полицијата поднесе кривична пријава за малолетникот кој шутираше куче на игралиште во Младо Нагоричане, Кумановско.

Како што информираат од МВР, СВР Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против 17-годишен малолетник од село Стрезовце во општина Старо Нагоричане поради постоење основи на сомение дека сторил кривично дело мачење животни.

Случајот допре во јавноста преку видео на социјалните мрежи на кое се гледа како момче брутално шутира бездомно куче на игралиште. Откако видеото стана вирално, објавата беше отстранета.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а до МВР пристигнале три пријави.

Претходно од здружението „Дејзи Фемили Рескју“ за Радио МОФ изјавија дека е алармантно тоа што во голем број од овие случаи, инволвирани се млади или малолетни лица.