Кривата кула во Пиза е малку подисправена

Кривата кула во Пиза е позната низ целиот свет поради тоа што е крива, малку е подисправена, откриле експертите. Групата што ги следи реставраторските работи на кулата,соопшти дека кулата е стабилна и благо е намален нејзиниот наклон.

Споменикот на средниот век висок 57 метри е исправен за 4 сантиметри, во текот на изминатите две децении, соопшти тимот.

„Тоа е како да имаме одземено два века од нејзината возраст“, изјави професорот Салваторе Сетис.

Од тимот велат дека најзадоволни се од стабилноста на камбанаријата, која е во подобра состојба отколку што мислеле.

Уште во 1990 година, омилената туристичка атракција за првпат беше затворена за јавноста по 800 години поради стравувањата дека може да се урне. Во тој момент, таа била накривена за 4,5 метри, по што е формиран меѓународен комитет за нејзина обнова. За да се коригира навалувањето за 45 сантиметри, биле потрошени 200 милиони фунти.

Кривењето е старо колку и самата кула, која почнала да се гради во 1173 година и се должи на помеката почва на јужната страна.Годишно пет милиони туристи ја посетуваат кулата, која се наоѓа зад катедралата во Пиза. До врвот на кулата неопходно е да се искачат 269 скалила.