Криумчари на мигранти копаат тунели под границата меѓу Србија и Унгарија

Рестриктивните мерки и затворањето на границите за мигранти и бегалци која го воведе Унгарија за спречување на ширењето на коронавирусот не го запреа нелегалниот премин во државата. На почетокот на месецов унгарската полиција открила шести подземен тунел, во должина од 19 метри, на српско-унгарската граница во близина на еден од граничните премини.

Како што навела полицијата, тунелот служел за криумчарење на луѓе во Европската Унија. Според изјавите на мигранти и активисти, пак, криумчарњето во Србија „цвета“, а криумчарите за нелегалните премини наплаќаат и до 10.000 евра, пренесува Радио Слободна Европа.

16-годишниот Мухамед од Авганистан се наоѓа во прифатниот центар во Суботица веќе три месеци. Тие се во контакт со криумчарите и планираат нелегално да ја преминат границата со Унгарија.

„Унгарската полиција ми го зеде телефонот, многу е лошо, секој ден се обидувам. Не е добро ни во Романија, земаат телефони, пари и ме тепаат. Мојата мајка и татко се во Германија. Сакам да ги видам. Сакам таму да одам поради семејството и работа. Поради живот и почитување“, вели тој за Радио Слободна Европа.

35-годишниот Абдел Раза, кој доаѓа од Мароко и сака да стигне до Франција или Италија се наоѓа во истиот прифатен центар, за кој вели дека е полн и дека за новите луѓе кои доаѓаат во кампот нема доволно храна, ниту им се доделуваат идентификациски броеви.

Тој ја преминал турската, грчката и македонската граница, а сега е во Србија. Досега потрошил околу 4.000 евра, а неговите пријатели и до 5.000 евра.

„Мој пријател може да ми испрати пари преку сервисите за трансфер на пари, но за тоа ми бараат оригинални документи, а јас нив ги немам“, вели Абдел за РСЕ, кој вели дека контактирал со криумчари кои би му помогнале да ја премине границата.

Гордан Пауновиќ од Инфо Парк од Белград, организација која помага на луѓето кои како мигранти или бегалци дошле во Србија, објаснува дека криумчарите во земјата се присутни од 2015 година и нивите дејства продолжиле досега, особено по затворање на границите, кога за излез од земјата морало некој да посредува.

„Криумчарењето стана многу угледен бизнис. Многу луѓе се збогатија. Цените се различно, во зависност од тоа за кој граничен премин станува збор. Тие се движат од 300 до 10 илјади евра. Цените за премин од Србија во ЕУ се околу 2-3 илјади евра, а тоа зависи од тоа дали преминот е гарантиран или пак се работи за некој ризичен обид“, објаснува Пауновиќ.

Српската полиција на 1-ви октомври уапсила 11 осомничени за криумчарење 18 мигранти и недозволен премин во Унгарија. Според полицијата, членовите на таа криминална група во периодот од 22 февруари до 3 јули оваа година организирале недозволен премин преку српската граница и за тоа наплаќале од 800 до 2.400 евра.

Во меѓувреме граничната полиција на Србија секојдневно известува дека пронаоѓа мигранти кои се кријат во камиони и возила со ладилници во надеж дека така ќе ја преминат границата.