Критики кон Ѓоковиќ откако доби медицинско изземање за учество на „Австралија Опен“

Одлуката со која се дозволува Новак Ѓоковиќ да учествува на тенискиот турнир „Австралиа Опен“, со исклучок од регулациите за вакцинација против КОВИД-19, предизвика големи критики кон спортистот, но и кон организаторите, пренесува „Гардијан“.

Минатиот месец, директорот на турнирот, Крег Тили, изјавил дека сите спортисти кои сакаат да учествуваат на турнирот во Мелбурн, треба да имаат доказ за вакцина, или пак да приложат оправдување за нивното невакцинирање.

Неделава, Ѓоковиќ објави дека ќе учествува на австралискиот турнир со медицинско изземање.

Вкупно 26 спортисти аплицирале за учество на турнирот без претходна вакцинација, но Ѓоковиќ е еден ретките кои добија можност да го сторат тоа.

Објавата на тенисерот привлече лавина од критики кон организаторите на турнирот, како и кон администрацијата која дозволила медицинско изземање.

Ѓоќовиќ досега нема откриено дали е вакциниран, a во април 2020 година, изјави дека се спротивставува на вакцинацијата.

Во објава на „Твитер“, поранешниот заменик претседател на австралиската Асоцијација за медицина напиша дека и покрај умешноста на Ѓоковиќ, тој не треба да учествува на турнирот доколку не се има вакцинирано од вирусот.

Од учеството на Ѓоковиќ на турнирот, особено беше иритирана австралиската јавност, според која изземањето на Ѓоковиќ е специјален третман, додека тие како граѓани морале да се откажат од многу важни настани поради мерките против ширењето на коронавирусот.

Организаторите соопштија дека оправдувањето со кое се здобил српскиот тенисер, е одлука на две засебни медицински експертски комисии кои ригорозно ја прегледувале неговата апликација за учество.

Денес, за случајот со Ѓоковиќ се изјасни и австралискиот премиер, Скот Морисон.

„Ѓоковиќ мора да приложи релевантен доказ за медицинско изземање од вакцинација против КОВИД-19 кога ќе слета во Австралија или ќе се врати дома со првиот авион“, изјавил премиерот.