Критика на Филозофското друштво на Македонија за екстерното тестирање по етика

Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, испратија критичка реакција до надлежните институции за екстерниот испит по етика, одржан во февруари 2016. Од институциите не добиле никаков одговор, велат, а бидејќи продолжила практиката на пропусти, грешки и недоследности во екстерните тестови по групата филозофски предмети и на тестирањето во јуни, решиле да ја информираат јавноста.

Нивниот допис го пренесуваме делумно, без анализа на прашањата која може да ја најдете овде:

„Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, согледувајќи ги недостатоците на екстерното тестирање по групата философски предмети, го искажа својот критички став во форма на писмен допис упатен до Државниот испитен центар и до Бирото за развој на образованието непосредно по екстерниот тест по философија во февруари 2016 година.

Укажавме дека тој тест претставува негација на благородната философска и педагошка мисија. Зашто, според нас, тој е антифилософски и антиобразовен експеримент, полн со фактографски грешки, постоење на два и повеќе понудени вистинити одговори или ниту еден вистинит одговор, мноштво поимни и терминолошки нејаснотии. Потсетивме дека иманентните карактеристики на философското образование подразбираат поттик на философскиот ерос, вовед во категоријалниот апарат и историскиот развој на философијата, усвојување на етичките и естетските вредности, како и вовед во логиката како основа за развој на вештините на критичкото и креативното мислење. Сето тоа, за жал, е оневозможено со екстерниот тест по философија.

Сево ова немаше да се повтори во последниот екстерен тест по предметот етика за втора година гимназиско образование, ако посочените институции ги сфатија и прифатија нашите стручни и добронамерни забелешки и сугестии, што им ги пративме во нашето писмо во февруари 2016 година (на кое не добивме одговор!?), што го додаваме како прилог на овој апел.

Дополнително загрижува несообразноста на прашањата од екстерниот тест по етика за втора година гимназиско образование со наставната програма и учебникот на д-р Кирил Темков. Поставени се прашања што реферираат на философски доктрини што делумно се изучуваат по предметот етика во трета година, а продлабочено по предметот философија во четврта година (!?). Нималку случајно авторот на учебникот, согласно возраста на учениците, само споменува некои од нив, не правејќи опсежни анализи. Етичкото образование е осмислено во концентрични кругови. Во втора година се стекнуваат основните поими, изрази и информации за најзначајните философи. Учебникот е пишуван со лесен, едноставен стил. Изобилува со мноштво етички теми и проблеми што учениците ги разработуваат во етичките работилници. Нималку случајно, согласно програмата, по секоја нова содржина постои час за реализација на вежби, зашто основната цел е создавање на етичка свест и подигнување на моралното и општокултурното рамниште на учениците. Тоа е всушност вовед во етика за трета година и филозофија и логика за четврта година.

Меѓутоа, во прашањата од екстерното тестирање по етика за втора година од учениците некритички се бара компаративна анализа на етичките димензии на философските учења. На пример, од ученици од втора година средно училиште се очекува споредба меѓу етичките доктрини на киниците и на Фридрих Ниче, со прочитан еден цитат! А, има и прашања за мислители што ги нема во учебникот од втора година. Како е можно учениците да го знаат првиот од шесте стадиуми на етичкиот развиток според Лоренс Колберг, кога тоа се изучува во трета година етика? Значи, во втора година би требало да учат од учебник од трета година за да одговораат за моралното чувство кај британските философи Шефтсбери, Хачесон и Хјум, во кој се застапени само во една реченица. А нив ги нема ниту во индексот на имиња на крајот од учебникот од трета година!? Така, учениците без нивна вина се фрустрираат и ја губат самодовербата!

Екстерниот тест по етика претставува парадигма за деградација на образовниот систем, елементарно непознавање на философијата, обид за етичка деструкција, понижување на наставниците и заблудување на учениците. Затоа ја информираме јавноста за нашиот повторен обид да го запреме натамошното систематско уништување на философското образование во Република Македонија и да ги заштитиме учениците од неука проверка на знаењата“, пишуваат од Филозофското друштво во критиката.

Филозофско друштво на Македонија