Критична маса #80 по слободна рута: НаТочак најави борба на нови фронтови

Утре по 12-ти пат ќе се вози Критична маса во Скопје, последна за 2018-та година. Традиционално започнува кај Плоштад Македонија во 17:30 часот, а ќе заврши со дружење во Социјалниот центар Дуња.

Од иницијативата #НаТочак најавуваат нови борби, на нови фронтови, но од јануари нема редовно да биде редовна организациска поддршка за собирите.

„Иако НаТочак вложи организациски капацитети секојa Критична маса да биде специјално осмислена со важни и актуелни теми, со пропратни акции, дописи во контекст на темата, со соодветни дизајни и истражувања кои ја проследуваа, сепак Критична маса не е НаТочак. Критична маса отсекогаш била и останува на сите велосипедисти кои изминатите години давале поддршка на настанот преку присуство, преку дизајн, смислување рути, промоција на настанот, лепење постери и делење чај, на сите кои се грижеле возењето и сѐ околу него да помине во најдобар ред, сите кои возат велосипед секојдневно или барем еднаш се качиле на него“, се вели во најавата за настанот.

Досега се извозија 79 Критични маси, континуирано, секоја последна среда во месецот.

„Изминатите, безмалку 12 месеци, НаТочак освен што иницираше и организациски поддржа 11 критични маси и 12-та во најава, во април предложи измени на закони и правилници за урбанистичко планирање, ги координираше и промовираше Winter Bike To Work Day настаните во февруари, Детската критична маса со Ветерница во ноември, во мај организираше заедно со НУБ „Св. Климент Охридски“ изложба на 73 постери од Критична маса… НаТочак спроведе анкета за украдени точаци во месец февруари и објави поразителни резултати, анализираше билтени на МВР за судири во кои биле вклучени велосипедисти и прати допис до Министерството со барања. Реагираше соодветно за раскопани велопатеки, исечени дрвја и неодржувани гранки, несоодветно реконструирани улици, паркирани автомобили посебно доколку беа во сопственост на институции, сообраќајни судири, правевме велоинспекции на патеките, учествувавме активно со сугестии во изготвување на новиот Нацрт план за велосипедски сообраќај на Скопје кој допрва треба да се донесе. Баравме безбедни зони околу школите и вистински Ден без автомобили. НаТочак учествуваше во експеримент за комбинирање на железнички со велосипедски сообраќај во септември, а во март направи уште еден протестен експеримент со „жив штит“ од човечки столпчиња и прослави фиктивен Национален ден на немање безбедна патека при градба. Исто така, изминатата година првпат се појави иницијатива од страна на студенти за креирање платформа за регистрирање на велосипеди – Велорегистар. Но, за жал, на Средно Водно, повторно се вратија автомобилите и забраната беше укината и заменета со платен паркинг, а Скопје доби и статус на најзагаден град во Европа. Од една страна се ослободуваа некои патеки од паркирани возила, но други улици при реконструкцијата остануваа автоцентрични… Од друга страна, во светот, истата оваа година, Централ Парк на Менхетн стана перманентно зона без автомобили, Париз забрани автомобили во четири зони во центарот, секоја прва недела во месецот. 3-ти јуни беше прогласен за Светски ден на точакот од страна на ООН!“, се вели во соопштението на иницијативата.

Она што започна како протест против лошите услови за движење со точак низ градот, прерасна во глас за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, во идеја и борба за ремоделирање на Скопје да стане поубав, плански град во кој ќе се донесуваат не брзи и неодржливи одлуки на долгогодишни проблеми, туку смислени, системски решенија за град каков што посакуваме сите, град за луѓе, велат од #НаТочак.

„Секој метар на новоизградена велосипедска патека, секој нов велосемафор, секое поставено столпче на тротоарите значеше една мала победа и некој велосипедист повеќе во велосемејството“, се вели во соопштението.

„Се гледаме во 2019-та“, со нови желби, нови предизвици, со повеќе луѓе на точак на улиците!“