Критична маса #72: Подобри закони за поубави градови

Дали некогаш сте се запрашале зошто во градот се проектираат улици чија широчина на ленти е наменета за движење на возила со брзина од 90 км/ч кога максимално дозволена брзина во населено место е 50 км/ч? Дали некогаш сте се запрашале зошто во вашата зграда задолжително треба да има паркинг места за автомобили, ама не е задолжително да има паркинг места за велосипеди?

Ова се прашањата на НаТочак, кои оваа среда (25 април) од плоштадот „Македонија“ ја иницираат новата 72-ра Критична маса под мотото „Подобри закони за поубави градови“.

„Сигурно сте се запрашале и зошто билбордите, канделабрите, кантите за отпадоци, столпчињата и други видови на урбана опрема, не се поставени на начин на кој нема да го отежнуваат движењето на пешаците и велосипедистите. Вакви прашања, години наназад, упатуваме и ние до институциите. Одговорите се дека такви се законите, такви се правилниците или пак дека не е регулирано во истите“, велат од иницијативата.

Според активистите, законската регулатива треба да ги следи потребите на граѓаните и да биде во согласност со новите сознанија и светски искуства поврзани со безбедноста и квалитетот на животот.

Во таа насока, НаТочак – Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак подготвија и поднесоа официјални барања за промена на Закони и подзаконски акти со кои сметаат дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите.

„Нашиот прв чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Поднесовме предлог со кој ја исклучуваме можноста во населено место да се проектираат улици за движење со брзини од 90 км/ч. Поднесовме предлог да се намали широчината на коловозните ленти, а со тоа ќе се намали прекумерната брзина на автомобилите. Брзината е причина број 1 за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт. А инфраструктурата е фактор број еден кој психолошки им влијае на луѓето да развијат одредена брзина“, соопштуваат од НаТочак.

Со намалување на широчината на коловозните ленти, велат тие, ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини. Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари.

„Зошто да се трошат јавни средства за 20% поскапа изградба и одржување? Зошто коловозот на булевар со 6 ленти да биде широк 21 метар кога може да биде 18 (лентите да бидат 3 место 3.5 метри) и притоа да обезбеди ист проток на возила, а поголема безбедност? Заштедата само за изведба и одржување ќе биде околу 20 %. Дополнително ќе се спасат животи, ќе има заштеди во здравството, градовите ќе станат попријатни“, соопштува иницијативат.

Поднеле предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици, а исто така, предлог велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект. Ако паркингот за автомобили е задолжителен при изградба на објекти, прашуваат зошто да не е и за велосипеди?

„Да го направиме паркирањето на велосипедот практично, достапно, безбедно. Еве неколку примери: Минимум 2 паркинг места за велосипеди на една станбена единица за станбени згради. Минимум 1 паркинг место на секои 5 ученици за објекти од образование. Минимум 1 паркинг место на секои 50 м2 за комерцијални објекти  итн. за сите различни намени на објекти и простори. Загарантираните паркинг места за велосипеди ќе придонесат за поголема примена на велосипедот како превозно средство“, велат активистите.

Понатаму, поднеле предлог урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите. Ако не е дозволено поставување на билборд сред коловозна лента, прашуваат тие, зошто да е дозволено да се постави сред пешачка или велосипедска патека?

„Има уште многу подобрувања кои можеме да ги направиме на регулативата од областите градење и урбанизам за да поставиме основи за планирање на улици со цел безбедност за сите, за да поставиме основи за похумано планирање на градовите воопшто. Денес во светот се тежнее кон еден поурамнотежен, побалансиран модел на сообраќајот и на развојот на градовите. Во таа насока треба да се менуваат и законите. Тоа е од добробит за сите жители без оглед на начинот на превоз кој моментално го користат. Поднесовме и ќе продолжиме да поднесуваме предлог измени за овие и за други закони и правилници за градовите да станат поубави места за живеење. Подобри закони за поубави градови! Поддршка за промените!“, соопштуваат НаТочак.