Критична маса #44: Среќна Нова, скопски херои!

Неформалната група НаТочак ги повикува градските власти да направат се што е во нивна моќ за да ги охрабрат граѓаните повеќе да користат велосипедски превоз, а со тоа да се намали загадувањето на воздухот.

Со  ова писмо, НаТочак, ТетовоНаТочак, ГостиварНаТочак, БитолаНаТочак, ПрилепНаТочак, ШтипНаТочак и СтрумицаНаТочак се обраќаат до своите општини, а заедно со тоа и кон надлежните на национално ниво.
Покрај ова, НаТочак подготви и предлог-мерки за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот.
„Оваа среда е Критична маса #44, чија порака е Среќна Нова, скопски херои! Зошто херои? Бидејќи Не е лесно да се вози точак во Скопје.
Не е лесно да се сонува друга стварност од таа што ни се нуди како единствена, а уште повеќе да се живее, со сопствен пример! Но, возможно е.

Сите што сте на точак во скопскиве моментални услови, сте херои на Скопје!
Полека, но сигурно, со својата упорност, ја носите промената.

Се гледаме на Критична маса #44 (по 44-ти пат, е-хееј!), на 30 декември, ден пред дочекот на Нова година, да си посакаме сè најубаво во неа, пред сè чист воздух и здравје, а како, ако не (меѓу другото) и преку подобри велосипедски услови и похрабри градски политики“, велат од неформалната група.

Велосипедистите ќе тргнат од плоштадот „Македонија“ и ќе возат до фонтаната во Градскиот парк.