Критична маса #42 во Скопје: Да ги осветлиме ноќите на градот

Велосипедистите во Скопје кои се дел од иницијативата „На Точак“, по 42 пат ќе излезат на улиците со цел да ги нагласат проблемите со кои се соочуваат во градскиот сообраќај. Критична маса #42 ќе се одржи во среда, на 28 октомври. Зборно место е Плоштад Македонија, со почеток во 17:30 часот.

Причината поради која се одржува оваа критична маса е да ја укажат потребата од поголема видливост во вечерните часови, поради зголемениот број на несреќи во кои жртви се велосипедистите.

„Дел од сообраќајниците во градов (улици, булевари, велосипедски патеки, тротоари) не се добро осветлени, а понекогаш, дури и во случаите кога има светлосна инфраструктура, таа не работи, се случува да е затскриена зад нешто итн. Тоа е причина за мала видливост што го зголемува ризикот од сообраќаен судир или непријатна ситуација во која најчести жртви се оние кои возат велосипед“, посочуваат скопските велосипедисти. 

Тие сметаат дека треба повеќе да се обрне внимание на безбедноста заради отежнатите услови за движење.

„Велосипедот кој го возите треба да биде соодветно осветлен за да биде приметлив за останатите учесници во сообраќајот. Неопходно е секој од вас на својот велосипед да има предно бело светло, заден црвен катадиоптер или црвено светло или трепкачка лента и катадиоптри (мачкини окца) на тркалата. Сите овие светлечки елементи се и задолжителна опрема за возење велосипед според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата“, велат од иницијативата „На Точак“.

Од иницијативата потенцираат дека учесниците во сообраќајот треба да се третираат како еднакви, односно треба да им се обезбедат услови според нивните способности и според безбедноста на сите, особено ранливите како пешаци и велосипедисти.

„Свесни сме дека инфраструктурата не е добра, но поради непредвиденото движење со таква инфраструктура има уште поголема потреба да бидеме видливи. Не можеме да зборуваме за сообраќајна демократија без и самите да дадеме сопствен пример. Бидете одговорен велосипедист. Сите заедно да го направиме градов побезбеден за возење велосипед.
Ставете светла на вашите точаци. Нашето семејство на велосипедисти секојдневно се зголемува. Со возењето на велосипед ние веќе му донесовме светлина на Скопје! Ајде сега сите заедно да ги осветлиме ноќите на градот!
Просвлетлете се!“, стои во повикот за Критична маса #42.