Критична маса #39: Безбедни брзини за пулсот на градот

Под мотото „Безбедни брзини за пулсот на градот“ во среда (29 јули) во Скопје ќе се одржи 39-тата Критична маса. Зборно место e Школката во Градски парк во 19:00 часот, а ќе се вози по следната РУТА.

„Речиси никој не седнува зад воланот со намера да изгази некого, но факт е дека тоа се случува секој ден. Дел од судирите се и со трагични последици. Факт е и дека не сите се свесни за брзината како фактор.

И највештиот возач не може да избегне непредвидлива ситуација доколку вози пребрзо. Шансата за непредвидливи ситуации е многу поголема во населените места отколку на автопатите и на рекламите со празни предели. Во населените места живеат луѓе, вклучително и постари лица и деца и миленичиња, луѓе со ослабени сетила или намалени моторни способности, луѓе кои се нефокусирани во моментот, луѓе кои се движат пешки, со инвалидска количка или точак и немаат соодветни инфраструктурни услови, па прават непредвидени маневри. Ниедна од наведените причини не е доволна некој да го изгуби животот. Дури и Уставот го става правото на живот пред било кој закон.

Сите треба да се трудиме да ги почитуваме максимално правилата, но и да сме спремни за човечка грешка.
Најбезбедните места на светот имаат едно заедничко: тежнеат кон зголемување на свесноста на возачите за непредвидените ситуации и кон мерки кои ќе придонесат евентуалните судири да бидат со помали последици.

Степенот на последиците директно зависи од брзината. Исто така, прилагодената брзина нема да влијае само на помали последици, туку и на помалку судири, поради подобрата видливост и спремност за реагирање и кочење.

Затоа многу градови, држави, па и Европската унија тежнеат кон намалување на брзините во населените места. Њујорк во 2014-та го намали дифолтното ограничување од 30 mph на 25mph (од ~50km/h на ~40 km/h) и започна да спроведува Визија Нула, визија за нула жртви во сообраќајот. Париз постепено воведува „зони 30“ (т.н. зони на смирен сообраќај) на целата територија, исклучок се булеварите.
Европскиот парламент во 2011 усвои резолуција со која силно им препорачува на одговорните власти да ги намалат ограничувањата на брзините до 30 км/ч во сите станбени населби и на сите улици каде нема издвоена инфраструктура за велосипеди.

30 км/ч е правилото за цел град, а 50 км/ч е исклучокот за булевари кои имаат издвоена инфраструктура за коли, пешаци, точаци…

Дури 78 % од возачите во ЕУ поддржуваат ваква мерка, која според истражувањата ќе ги намали повредите во сообраќај за 25 % .

Доколку се усвои предлогот на РСБСП, досегашното 60 km/h ќе се замени со 50 km/h максимално ограничување во населени места во Република Македонија. НаТочак го поддржа тој предлог и предлогот за воведување на „Зона 30“ во Дебар Маало.

Кога се дизајнира со безбедноста во прв план, не се добиваат само побезбедни улици, туку и подобар квалитет на живот (никој не ужива кога покрај него профучуваат со 100 на саат), повеќе луѓе на улиците, економски поживи соседства, повеќе луѓе кои се чувствуваат безбедно и пријатно да пешачат или возат точак. Воведувањето на зони 30 има големи предности (повеќе прочитајте тука), но сепак да се зборува за ограничување на брзината во време кога брзината е на цена, свесни сме дека е крајно непопуларно. Брзината продава, брзината е улично мерило за испитување на вештината на возачот, како и силна идентификација со моќ.

Но брзината е и прва причина за смрт во сообраќајот и во Македонија и во светот. После повеќе тешки сооообраќајни несреќи на скопските улици во кои ранливите учесници настрадаа од превисоки брзини, чувствуваме обврска да ја ставиме брзината на дневен ред и да ја популаризиме и темната страна.
Страдаат возачите, физички или психолошки, но пред се’ страдаат ранливите учесници во сообраќајот: мотоциклистите, велосипедистите и пешаците, а од нив велосипедистите и пешаците можат само да претрпат, но не и да нанесат штета. Во Македонија, според статистиката за првата половина на 2014-та, возачите на моторни возила се виновни за 94 % од сообраќајните несреќи, а настрадуваат во 1/3 од случаите (загинале: 21 возач, 21 сопатник и 29 ранливи учесници во сообраќајот).

Да се вози возило со брзини над 50 км/ч е многу ризична активност особено кога тоа се прави во град и затоа тие брзини не се препорачани.

Брзината е убиец број еден на патиштата во светот, а сообраќајот е поле на најголем број убиства во голем број држави, со повеќе жртви отколку од „регуларни“ убиства и од некои чести болести.

Човечкиот живот нема цена, но покрај загубата на животи, грешките во сообраќајот носат лична загуба за блиските и финансиски загуби за општеството. Годишно се смета дека се трошат 518 милјарди долари во светот поради сообраќајни незгоди, што значи и значителна ставка за буџетот на секоја држава која не работи на безбедноста во сообраќајот.

Во 2014-та медиумите презентираа дека најчеста причина за сообраќајни незгоди во Македонија е преголемата брзина: 689 од 1894 случаи во првата половина на 2014. Поради сето ова, сметаме дека постои голем простор да и посветиме внимание како општество: Што можеме и мораме да направиме?“, велат точкољупците.