Критична маса #34: Човек на точак, не точак на човек!

Точаци се за возење, не се за кревање. Ова е мотото на 34-тата Критична маса насловена „Човек на точак, не точак на човек“, која ќе се одржи на 25 февруари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија.

„Високи рабници на кои при искачување се напнуваш да го поткренеш тркалото, а при симнување си треснуваш; непрописно паркирани возила и нелогично поставени автобуски постојки поради кои мораш да се спушташ на коловоз сред опасни брзаци; лошо поставени знаци, билборди и светилки поради кои возиш слалом; нелогично прекинати патеки поради кои мораш да го креваш точакот во раце – се реалноста со која се соочува секој кој се обидува да вози точак во Скопје. Во Скопје возењето точак е поистоветено со спорт и тоа е суштинската причина зошто Скопје не е пријателски град за точаци“, велат од движењето НаТочак, кое ја организира Критична маса.

Тие потсетуваат дека возењето велосипед не е само спорт, туку е и транспорт. Според истражување на Европската комисија, најголем мотиватор (дури за 70 % од луѓето) за изборот на превозно средство е постоењето на соодветна инфраструктура и погодности за користење на тоа превозно средство.

„Во каква инфраструктура вложуваме, таков сообраќај и добиваме. На точак не загадуваме, не правиме бука и метеж, на точак градиме почист град, поведар, подобар. Затоа точакот како сообраќај заслужува повисоко место во градските политики!  Од нас зависи да кренеме глас, од Град Скопје да ги реши проблемите, за да биде возможно секој, баш секој, кога ќе посака и ќе има потреба, да може да се превезува со точак, еднакво како што има услови да се превезува со кола.

Да возиме, посочуваме, критикуваме, бараме. Скопје треба да добие функционална мрежа на велосипедски патеки низ целиот град, да се интегрираат во неа патеките покрај Вардар, да се заменат сите рабници со рампи, да се отстранат сите пречки. Возењето точак треба да е возможно за сите генерации и способности, да е издвоено од автомобилски сообраќај или решено со зони на смирен сообраќај, да биде безбедно и удобно, да биде прифатено од сите како нешто нормално и почитувано“, се вели во најавата за настанот.