Критична маса #32 : На Точак и за дочекот на Нова година

Последната среда од оваа година, на 31 декември, велосипедистите повторно ќе се соберат да ја извозат рутата на 32 . по ред „Критична маса“ која се паѓа токму на дочекот на Новата година. Опремени со балони, светилки и украси, последното возење годинава ќе биде во новогодишна атмосфера и ќе заврши со голема заедничка забава на точакољупците.

„Најава за идилична зимска критична маса#32. Да прославиме заедно и да покажеме почит кон оние кои 365 дена се транспортираа вртејќи педали, притоа не загадуваа, не правеа сообраќаен метеж и бучава. Слободно споделувајте ваши фотографии ‪#‎НаТочакНаСнег да ги охрабриме останатите да продолжат да вртат и во зима“, посочуваат од Критична маса.

Овој пат таа се одвива под ироничното мото „За уште многу булевари без велосипедски патеки“.

„Дојди на Новогодишното возење, на една од поинтересните критични маси во годината. Овојпат посебно необично е тоа што немаме предвидена рута и на лице место ќе одлучуваме каде ќе возиме, во зависност од новогодишните дразби. Во некои градови во светот КМ така функционира редовно, сега за првпат ќе пробаме и ние“, подаваат велосипедистите.

Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот. Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град. Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во Скопје, се вози секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.