Критична маса #27: Точак имам, паркинг немам

Под мотото „Точак имам, паркинг немам, аџанак баџанак!“, утре (30 јули) ќе се вози Критична маса #27 низ скопските улици. Групата се собира во 19 часот на Плоштад Македонија.

Критична маса #27: Точак имам, паркинг немам, аџанак баџанак!

Велосипедите ќе возат по оваа РУТА, а крајната дестинација е Дебар Маало каде по возењето скопјани ќе побараат места каде можат да си ги врзат точаците на достојни паркинзи.

„Колку пати си го врзал точакот за дрво, ограда, некој столб или за друг точак? Или па ќе го земеш со себе од немајкаде? Или па нема да тргнеш воопшто со точак знаејќи дека нема безбеден паркинг?

На градот му требаат многу и безбедни паркинзи за точаци. Што повеќе институции и компании со паркинзи пред своите објекти, тоа пошироко добредојде за оние на точак. Што побезбедно ни е Скопје за возење и паркирање точак, уште повеќе точакољупци ќе добие. Сакаме безбедно место за нашето превозно средство. Паркинг пред секое школо, факултет, пред секоја јавна институција, на работно место, пред секоја станбена зграда, рекреативен центар или угостителски објект, пред секој маркет, пазар и во секој јавен простор. Море да не му ја мислиме, паркинзи насекаде!“, истакнуваат од Критична маса.