Критична Маса #27 – Дедо Мраз На точак во Тетово

Велосипедистите од неформалната група #ТетовоНаТочак, и оваа година заедно со Дедо Мраз на точак ќе возат низ градот на 27. Критична маса.

Возењето е закажано во сабота (27 декември). Зборното место е Градскиот плоштад во Тетово во 12 часот, а крајната дестинација е Центарот за едукација и рехабилитација на деца со потешкотии во развојот „Виножито за сите” каде ќе бидат донесени изненадување за малите дечиња.

Велосипедистите трета година по ред, ќе возат предновогодишно, со цел да ги израдуваат децата од центарот, а ќе ја нагласат и потребата од користење на велосипедот како примарно средство за превоз низ градот.

„Оваа година сакаме да бидеме нешто подобри во смисла на содржината на пакетчињата кои би ги поклониле на тие деца. Со таа цел се обраќаме во оваа јавна група како би ве информирале сите кои ја подржувате иницијативата На точак и доколку би сакале да се придружите во организацијата. Се собираат средства кој колку може, за да направиме пакетчиња кои би биле интересни за децата. За подетални информации можете да го контактирате: Горан-Бушу на 078/ 277-512 и Слободан-Цобе на 078/ 833-728“, велат од неформалната група #ТетовоНаТочак.