Критична маса #23 – Точак за сите генерации

Сведоци сме дека на скопските улици независно од сезоната и временските услови, повозрасните граѓани постојано се превезуваат НаТочак. Сигурно сте налетале на некој повозрасен херој НаТочак натоварен со некој олук, ќумец, скала, вреќа компири, снопови праз како храбро ита кон својата дестинација. За нив не треба кампања, освестување, потсетување ниту посебни предавања, тие се 24/7 НаТочак, велат од Критична маса.

Критична маса #23 - Точак за сите генерации

Според нив, возењето точак е стил на живот а точакот е превозно средство за сите генерации.

– Треба и учениците без придружба да можат безбедно да отидат на училиште на точак, а постарите лица без опасност по својот живот да отидат да завршат некоја работа. Издвоени велосипедски патеки и тоа добри патеки треба да има насекаде. Зони 30 треба да има секаде каде улиците се потесни и нема услови за велосипедски патеки!

– Сакаме град безбеден за движење на точак, град слободен за движење на сите.
Да им искажеме почит на сите кои возат и наспроти несовршените услови и да апелираме за подобри услови за да нè има уште повеќе по скопските улици, велат оттаму.

Од Критична маса ги повикуваат сите граѓани да се придружат на 23-тата Критична маса во среда (26-ти март) на Плоштад Македонија.

Рутата на возење е достапна тука: http://goo.gl/4voCmW, додека промотивните материјали на следниот линк: http://goo.gl/g2UhdF

Време: 17:30 ч
Почеток: Плоштад Македонија
Крај: Т.Ц Лептокарија