Критична маса #16: Локално разладување против глобално затоплување

Критична маса #16: Локално разладување против глобално затоплувањеШеснаесеттата по ред „Критична маса“ во Скопје ќе се одржи утре (28 август) со почеток во 17:30 часот.

Настанот овој пат е посветен на глобалното затоплување, проблем со кој се соочува целата планета. Возењето велосипед обезбедува прилично брз и сигурен начин на транспорт за кој нема потреба од согорување на горива. Наместо да се користат моторни возила, со возење велосипед истовремено се заштедуваат финансии, се подобрува здравјето и се помага во намалување на глобалното затоплување. Дополнително, се поставува позитивен пример за другите, велат организаторите.

Возењето велосипед во урбаните средини директно и индиректно влијае на намалување на глобалното затоплување. Се намалуваат издувните гасови, не се согоруваат фосилни горива при користењето со што се редуцира CO2 во воздухот. За велосипеди и велосипедска инфраструктура во споредба со другите превозни средства се трошат помалку енергија и ресурси и помалку се загадува при производство, трговија, изведба, користење и одржување. Велосипедските патеки и паркинзи зафаќаат помалку место и оставаат повеќе простор за „дивина“, повеќе сенки и кислород за природна климатизација, помалку загревање на улици на сметка на вештачко ладење.

Секојдневните патувања на најголем дел од граѓаните во Скопје се кратки релации и тука постои огромен потенцијал за користење на велосипедот како превозно средство.

Собирот на велосипедистите на оваа „Критична маса“ ќе биде пред паркот за кучиња во Градски парк (кај Хавана) во 17:30 часот.

„Овојпат ќе поврземе два паркови по булевари по кои (треба да) има велосипедски патеки и дрвореди. Рутата ќе заврши со подигнување на велосипедите на платото пред општина Сарај, а дружењето во форма на пикник ќе продолжи во паркот“, велат од #НаТочак.

Критичната маса се случува секоја последна среда во месецот во Скопје и собира стотици граѓани на своите велосипеди. Нивната цел е да ја подигнат културата на возење велосипед во Скопје, но и да покажат пред возачите на автомобили и пред градските власти дека Скопје веќе има бројни велосипедисти и потребно е да се создадат услови и за нивно непречено учество во сообраќајот.