Кристина Ампева ќе биде говорничка на „ENGAGE“

На 9 јуни на овогодинешниот „ENGAGE“, единствениот настан за социјален активизам во земјава, говорничка ќе биде Кристина Ампева.

Мајка на три деца, активистка за човекови и работнички права, претседателка на здружението Гласен Текстилец – едно од ретките кое ги застапува интересите на работниците и работничките во приватниот сектор, а особено на оние вработени во секторот за производство на чевли и облека.

Присутните ќе имаат уникатна можност да го слушнат нејзиниот говор на тема „Правата на текстилните работнички: Глас за справедливост и достоинство“.

Претрпувајќи ги прекршувањата на работничките права и лично работејки во текстилната индустрија, Ампева активно се вклучува во невладиниот сектор и од 2016та година спроведува акции и иницијатив за подигање на свеста за проблемите на работниците и работничките.

Преку формирање на јадра од работници и вмрежувања на истите, се бори за подобрување на работничките и човековите права, пристојни услови за работа, против секоја форма на мобинг и дискриминација, пристојна плата, промена на Законот за работни односи и колективните договори во областа на приватниот сектор.

Дванаесеттиот „ENGAGE“ ќе се случува на 9 јуни (петок) со почеток од 13 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, каде ќе се одржат инспиративни говори на странски и домашни активисти, креативни работилници, како и вечерна журка со бендови – „ENGAGE the night“. Вечерната програма од 20 часот ќе биде преземена од растечкиот колектив „Гола Планина“, кои ќе претстават шест бендови со авторска музика.

Целиот настан е бесплатен, а регистрацијата е отворена преку сајтот www.engage.mk.

Настанот за социјален активизам „ENGAGE“ е организиран од Радио МОФ и Младински образовен форум, а поддржан од National Endowment for Democracy.