Кристијан Мир: Новинарот Кежаровски мора да биде ослободен

Македонија да ја прифати слободата на печатот во согласност со меѓународните стандарди, да не постојат заплашувања на новинарите и медиумите, да постои транспарентност на јавните огласи, да се демократизира нацрт-законот за медиуми, а Владата да донесе одлука новинарот Томислав Кежаровски безусловно да биде пуштен на слобода.

Кристијан Мир: Новинарот Кежаровски мора да биде ослободен

Ова се главните точки кои според извршниот директор на „Репортери без граници“ – Германија, Кристијан Мир се најважни за подобрување на медиумската слика во земјава, пишува РСЕ.

Македонија, според Мир, со својот пад за 82 места на индексот на слобода на изразување е реткост. Од 34-тото во 2009, Македонија падна за цели 82 места на листата и во 2013 беше на 123-тото место, нешто што многу ретко се случува.

„Колку што знам Македонија никогаш не се откажа од политичката волја за зачленување во Европската унија. Македонија сака да биде полноправна членка на Унијата и да ги прифати основните вредности како што е слободата на печатот. Но јас во моментот се сомневам во политичката желба за тоа. Важна задача за македонската Влада е да ги исполни сите барања од извештајот, а не да не се враќа назад“, вели Мир.

Тој побара во следниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, да се наведат со имиња новинарите и медиумите што се казнувани зашто си ја вршат работата, како Кежаровски и „Фокус“ магазин.

– Со оглед дека случајот Кежаровски ќе биде на Апелациски суд на 24 октомври, бараме веднаш и без услови тој да биде ослободен од домашен притвор. Ако не биде прифатена неговата жалба да биде ослободен без никакви последици по него, ќе продолжиме со глобален јавен притисок, порача Мир.

Целата дебата на тема „Слобода на говор и медиуми во Македонија: Предизвици и решенија“ организирана од Цивил и Фондација Фридрих Еберт може да се погледне на видеото во продолжение.