Криминал од омраза – етнички инциденти се иницираат за собирање гласови пред избори

Тепачките во автобуси, во училишни дворови, како и протести со етничка позадина, често се случуваат токму во период пред да се одржат избори, покажуваат наодите од извештајот за последните три години на Хелсиншкиот комитет за човекови права и ОБСЕ,  презентиран по повод  22 јули, Европски ден на жртвите од криминал од омраза.

Според Воислав Стојановски од Хелсиншки комитет, загрижувачки е фактот што во последните три и пол години имало 284 случаи и над 1200 жртви на вакви кривични дела, а како најмала жртва е десетгодишно дете, додека поголемиот дел од жртвите најчесто се млади на возраст од 14-21 година.

„Политичките партии во борбата за освојување на гласови, и од македонска, и од албанска страна, намерно испирираат и иницираат вакви кривични дела од омраза, за потоа да можат да се прикажат како заштитници на својот народ, односно на својата етничка заедница, како и за време на протести“, вели Стојановски.

Извештајот покажува дека во 2015 година се бележи намалување на бројот на инциденти од омраза, споредено со претходните две години. Во 2013 година имало над 110 случаи од омраза, во 2014 година над 80, а во 2015 година забележани се 14 инциденти. Во однос на регионите, пак, најголем број од инцидентите се случиле во Скопје, потоа во Гевгелија, Куманово, Прилеп, Битола и Неготино, а како позитивен пример се покажале Дебар, Струга и Кичево, каде и покрај мешаното население, нема такви случаи.

Сепак, Стојановски напоменува дека бројот на вакви случаи бележи раст во 2016 година, во февруари и март, кога Собранието изгласа распуштање, поради изборите првично закажани во јуни.

Она што е позитивно, додава тој, е дека расте свеста кај граѓаните кои полека почнуваат да ги сфаќаат намерите на политичките партии.

„Среќни сме што граѓаните конечно сфаќаат кој е тој што ги инспирира тие кривични дела од омраза и предупредуваме дека повторно има договор за избори и дека можно е повторно политичките партии да поттикнуваат вакви инциденти, но се надеваме дека граѓаните ќе останат доследни и ќе се игнорираат партиите кога ќе сакаат да иницираат вакви случаи“, забележа Стојановски.

Државата со години нема официјална евиденција за ваков вид на насилство, со што Македонија се вбројува во групата на азиски држави, и покрај укажувањата од светските организации, посочуваат од Комитетот. Ова, велат од Хелсиншки, ја отсликува неажурноста на институциите. Како лош пример го посочуваат податокот дека од вкупно 42 случаи во изминативе две години, само 5 случаи имале конечна пресуда, а 27 биле одбиени од Јавното обвинителство. На презентацијата на извештајот беа споменати и нападите врз ЛГБТ центарот и кафулето „Дамар“, кои остануваат нерешени, што пак доведува до зголемување на недовербата кај граѓаните кон институциите.  Затоа, во отстуство на официјална статистика, тие морале да се снабдуваат со информации преку комуникација со полицијата, преку полициските билтени, медиумите и со непосредно забележување на инциденти.

Извештајот за 2015 година покажува дека најголем број од насилствата од омраза, 48 отсто, се кон бегалците, во периодот додека не беа поставени транспортните центри.  Од Хелсиншкиот комитет препорачуваат да се земе искуството на земјите членки од ЕУ и нивните кривични законодавства, да се вклучи сексуалната ориентација како основ при кривичните дела од омраза, бидејќи во Македонија тоа се уште не е регулирано, да се олесни пријавувањето, да се промовираат обуки за практичари и да се преземат превентивни мерки за полесно справување со проблемот.

Е.П.