„Крик на жена“ за првпат во Македонија со мото „20 дена по 8 Март и шчо напраифме?“

Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жена“ (Woman Scream) за првпат во Македонија ќе се одржи вечерва (28 март), под мотото „20 дена по 8 Март и шчо напраифме?“, во „МКЦ Клуб-Ресторан“, со почеток во 20 часот.

Целта на фестивалот е да ја подигне свеста за родовата еднаквост и против родово базираното насилство. Во него учествуваат и жени и мажи од сите уметнички области.

Меѓу учесниците се Ивана Атанасовска со театарскиот перформанс „Ќе има (ли) војна“, Влатко Стефановски со балетски и Даниел Данн со музички перформанс.

Своја поезија, во придружба на гитарата на Александар Пешевски, ќе читаат Џабир Дерала, Виолета Танчева Златева, Елена Пренџова, Оливера Доцевска, Трајче Кацаров, Марина Мијаковска, Марта Маркоска, Викторија Сиљаноска, Делвина Керлуку, Асдрен Челику, Бобан Богатиновски, Александра Велинова, Кети Јованова, Цвета Колева и Стефан Марковски.

На настанот ќе има мини-изложба на ликовните уметници Симонида Филипова-Китановска (со дела во акварел), Симон Калајџиев (комбинирана техника колаж и цртеж), Тони и Еми Тоциновски (цртежи), Иванка Апостолова (стрип-илустрација) и Дороти Пачкова (фотографија). Шампионите во танц, Влатко Стефановски и Јулијана Јовановска, ќе настапат со латино-американски танци, додека Евгенија Лисичова ќе црта мини-портрети на присутните.

Поддржувачи на настанот се „Јустиција“ (коорганизатор), ЦИВИЛ – Центар за слобода, Македонска Платформа Против Сиромаштија (МППС), турското здружение во Македонија „Yeni Yildiz Turk Dernegi“, Националниот совет за родова рамноравност – СОЖМ, „Рома С.О.С.“ – Прилеп и „МКЦ Клуб-Ресторан“. Организатори на настанот се Оливера Доцевска и Елена Пренџова.