„Крик“ изработи база на податоци од младински организации, дневни центри и специјални школи

Центарот за младински активизам ЦМА Крик во периодот од септември 2018 до јануари 2019 работеше на мапирање за дата база на контакт информации од дневни центри, специјални школи и младински организации кои работат во регионите од Македонија.

„Дата базата е подготвена со цел да се олесни и стимулира меѓусекторската соработка помеѓу дневните центри, специјалните школи и младинските организации на локално ниво. Во самиот документ можат да се најдат основни контакт информации од овие организации и информации за бројот на корисници и активностите кои тие ги спроведуваат“, соопштуваат од ЦМА Крик.

Во рамки на проектот „Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција“, како регрантисти, ЦМА Крик го спроведува „Младинско учество за сите“ (Youth Participation for ALL!), во чиј дел е подготвена базата.

„Главната цел на проектот е да се придонесе кон создавање на силно, инклузивно и демократско општество во кое младите луѓе се целосно вклучени и помагаат во нивниот развој, развивајќи се себе си на лично и социјално ниво“, велат од организацијата.

Проектот „Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција“ трае четири години. Тој е поддржан од Европската Комисија, а вклучува повеќе организации од Србија, Црна гора, Албанија и Македонија.

Целта на проектот е да се поттикнат младите луѓе да делуваат во нивната локална заедница и преку кампањи за застапување да се приближат и вклучат во процесот на донесување на одлуки на локално ниво.