„КРИК 05“ продолжува од 15 септември со предавања, концерт и проекција на филм

Од 15 до 18 септември продолжува вториот дел од фестивалот „КРИК 05“, кој својата програма ја почна во јуни, а ќе се одвива до декември со темата „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.

Во Музејот на современа уметност (МСУ) на 15 септември до 19:30 часот ќе има предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска – „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)“. Истата вечер од 21 часот е најавен и концерт на „Кадабајас“.

Наредниот ден, 16 септември, од 19:30 часот во МСУ ќе се одржи „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ – предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику. Во истиот термин на 17 септември ќе има дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов именуван „Смртта и сексуалноста.

На финалниот ден, 18 септември, од 19:30 часот ќе биде премиерно прикажан краткиот филм на Иван Блажев „All time is all time“, по што ќе се одржи „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попопова.

„Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум“, стои во најавата за фестивалот.

Од КРИК велат дека ќе се фокусираат на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот.

„КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?“, соопштува тимот на КРИК.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.

Инаку, КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.