Креирана група „Дај, не фрлај“ за уривање на потрошувачката парадигма меѓу граѓаните

„Имаш работи кои ти стојат по дома, во подрум или во гаража, а не ти требаат. Количка за бебе, велосипед, кондури, облека, играчки… Наместо да ги фрлиш или однесеш работите кои не ти требаат таму каде што нема да знаеш до каде ќе стигнат, објави ги во оваа група и тој на кој што му требаат ќе може да си ги пронајде сам“.

Ова ќе го прочитате доколку станете член на Фејсбук групата „Дај, не фрлај“, која креаторите сметаа дека е „баш згодно“ да ја објават во изминатиот петок, на најголемиот светски потрошувачки празник, Black Friday.

Групата за неколку денови стана доста популарна, и има веќе над 6.000 членови, кои меѓусебно си подаруваат детски работи, облека, обувки, книги, разни практични апарати… Појдовната и носечка идеја на креаторот на „Дај, не фрлај“ е да се гради општество во кое подарувањето е примарно, а купувањето секундарно. Исто така, да се крене довербата меѓу луѓето и чувството дека „некој што не го познаваме, а живее во иста држава со нас навистина се грижи за нас“.

„Да ја урнеме потрошувачката парадигма која што владее со сите нас. Сите сме пораснале носејќи облека на браќа и сестри, братучеди и синови и ќерки на најдобрите пријатели на нашите родители. Ако се уште го практикуваш ова, а немаш на кого близок да му ги подариш тие работи, објави ги во оваа група и подари ги на некој кој што му требааат, а не го познаваш. Ќе се чувствуваш подобро, и тој ќе се чувствува подобро, сите добиваме :). И за крај. Не подарувај нешто што не би го дал ни на сопственото дете. Да не е скинато или неупотребливо. Се што е очувано и речиси ново. Зачисти ги малку, обнови ги работите, направи фотка и постави ги во оваа група“, вели креаторот на „Дај, не фрлај“.