Креаторите на Сири ја претставија Вив, новата лична асистентка со вештачка интелигенција

Вив, новата лична асистентка со вештачка интелигенција беше формално претставена од нејзините креатори – истите луѓе кои во 2007 година ја создадоа Сири.

Даг Китлаус, извршниот директор на компанијата и еден од оригиналните кокреатори на Сири, вчера во Њујорк на TechCrunch конференцијата ја одржа првата јавна демонстрација на апликацијата.

Апликацијата е способна да процесира комплексни прашања, а се конектира и на надворешни апликации и веб страници, како Uber и Hotels.com, за да може да најде превоз или да резервира сместување преку гласовна команда.

Вив може и да праќа пари преку Vemmo со само една реченица, пишува Mashable.

Ова не е прва апликација за лична асистенција која е подобра од Сири. Вив е многу послична на Hound, интелигентната апликација за асистенција на SoundHound, лансирана во март. И оваа апликација разбира комплексни барања и може да пребарува надворешни мрежи.

Вив работи преку нова технологија наречена „динамично програмско генерирање“. Технологијата, која основачот на Вив ја опишал како „напредок во компјутерската наука“, е софтвер кој може да се пишува себеси за помалку од секунда, според Китлаус. Тоа значи дека Вив може да расте и да учи многу побрзо од други платформи за асистирање.

Китлаус во понеделникот изјавил дека планот е Вив да биде лансирана на пазарот кон крајот на годината, а да биде достапна како телефонска апликација и „други верзии на кои работат со партнери“.