Креативно разубавување на Куманово – уметнички проект „Огледала“ на Ана Јовановска

Уметничкиот проект „Огледала“ на Ана Јовановска, во кој граѓаните можат креативно да ги разубават запуштените и руинирани места од Куманово, сè уште е во тек и граѓаните се повикуваат со своите идеи да учествуваат во него.

Проектот е замислен како целосно локален и партиципативен – од темата која ја обработува, до учесниците кои ја овозможуваат и развиваат.

Од учесниците се бара фотографииите кои ги отсликуваат грдите, запоставените и напуштените места од Куманово да ги спуштат на својот компјутер и да ги уредат преку програмата „Paint“ и потоа да ја испратат назад до авторот кој двете дела ги спојува како едно – пред и потоа.

„Задачата која се задава на доброволецот, гласи: Дополни, додај, пречкртај, прецртај, разубави (…) го Куманово. Целта на ваквиот проект е не само документирање на запоставените и руинирани делови од еден заеднички дом наречен Куманово, туку и руинираната, валкана, незагрижена состојба на човековиот дух. Правејќи го очигледното видливо од окото на авторот, преку окото на објективот до окото на граѓанинот-уметник, „Огледала“ постои како огледало на физичкото и психичкото“, вели Јовановска, авторот на проектот.

Времетраењето на проектот е неодредено, односно ќе трае сѐ додека има интерес за учество со редовно објавување на новите преиначени, односно „разубавени“ фотографии.

Кратки инструкции:
Фотографиите можете да ги преземете тука: https://drive.google.com/open?id=0Bx4d2jSISOnKVm1hQ2NPN0lRa3c
Избери една, преземи ја и „разубави“ ја во Paint
Прецртаната фотографија испрати ја на следнава е-пошта: proektkumanovo@gmail.com
Веќе поднесените интервенции врз фотографиите („разубавените фотографии“) можете да ги погледнете тука: https://www.facebook.com/pg/anajovanovskaportfolio/photos/?tab=album&album_id=243173702811747