Креативна задача по ликовно – Основци од „Круме Кепески“ во Скопје се облекоа во ликови од познати уметнички дела

Учениците од основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода се трансформираа во ликови од познати сликарски портрети или како познати личности. Тоа им беше задача по предметот Ликовно, зададена од наставничката Касиопеја Наумоска, која со својата имагинација успеала и во услови на пандемија да ја извлече креативноста од своите ученици.

Тие ја следеле наставната програма, но на поинаков начин.

„Натрупани со материјали за учење, оставени сами на себе, најчесто, предметов го користам да доживеат едно друго светло, имагинација, радост, леснотија во создавањето. Слушаме музика на часовите, секој има свој термин за избор, свој предлог, коментар, идеја“, вели Наумоска за Радио МОФ.

Таа не очекувала овој час да поттикне толкав интерес во јавноста. Првичната замисла било да го споделат тоа меѓу нив, но откако фотографиите ги објавиле и на училишната веб-страница, добиле лавина од позитивни коментари.

„Часовите иако се одвиваат во индивидуални услови, се обидувам колку можам да ги наравам интересни за сите деца. Лимитирани со време, продолжуваме и вон наставата по нивна желба да се доискажат, споделат идеи, линкови, разговор и една релаксирана атмосфера која е многу потребна во ваков услов.  Да бевме во училница, ќе се сликаа површини од ходници, холови, влез, како и секогаш досега. Но, во овие услови треба да им се овозможи на децата слобода“, смета Наумоска.

Целосната галерија е достапна на следниот ЛИНК.

Емилија Петреска