Креативна акција „Лавиринтот во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари“

Преку кратка театарска пиеса активисти ќе ги образложат проблемите со кои се соочуваат барателите на социјална помош во Шуто Оризари. Утре, од 10 часот пред куќата на Мајка Тереза во Скопје, присутните ќе можат да прошетаат низ импровизираниот лавиринт и директно да се уверат со какви проблеми се соочуваат овие граѓани.

Креативната акција е наречена „Лавиринтот во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари“ и според организаторите е израз на незадоволство од ромската заедница поради нефункционалноста на Центарот.

„Ограничениот пристап до социјални услуги на граѓаните, како и неажурноста на службите во ЈУМ Центар за социјална работа во Шуто Оризари го отежнува остварувањето на нивните права. Детектирани се низа неправилности и несоодветен однос од страна на вработените кон социјално загрозените семејства и лица, поради кои тие се чувствуваат дискриминирани и понижени. Уличниот перформанс симболично замислен како лавиринт е заснован на секојдневните случувања, лични искуства, животни приказни и вистинити изјави од барателите на социјални услуги во ЦСР во Шуто Оризари и е последица на невозможноста во институционалниот лавиринт да се остварат социјални права кои Уставот ги гарантира, а законот овозможува пристап и остварување на истите“, велат активистите.

Тие додаваат дека со акцијата сакаат да испратат порака до Министерството за труд и социјала дека на Центарот за социјални работи во Шуто Оризари му се потребни сериозни реформи за негово соодветно функционирање.

Активистите информираат и за некои од најчестите проблеми и пречки со кои ромската заедница се соочува во пристапот до социјални услуги:

  • Доставување или недоставување на решенија и одлуки вон законскиот рок за поднесените барања, и неиздавање на архивски броеви за одделните предмети го оневозможуваат правото на жалба во законски рок на барателите;
  • Социјалните работници во Центарот за социјални работи во Шуто Оризари, субјективно, без да излезат на терен ја оценуваат фактичката состојба на ромските домаќинствата со што го оневозможуваат остварувањето на социјалните права;
  • Некоординиран пристап, недоволна екипираност и немање капацитет и стручност на службите на ЈУМ ЦСР-Шуто Оризари;
  • Неможност да се воспостави нормална и редовна комуникација меѓу вработените во
  • институцијата и барателите на социјална помош;
  • Немање на капацитети и лоши просторни услови, како и маргинализација на центарот од страна на ресорното Министерство.