Креацијата на учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ победи на шестото издание на „Trash Fashion“

Креацијата наречена „She-Edward“ изработена од копчиња од тастатури, најлонски јажиња, патенти и кабли, на средношколците од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, е победник на шестото издание на „Trash Fashion“. Второ место освои училиштето ДУЦОР „Партенија Зографски”од Скопје, со креацијата „Мајкл Џексон“ изработена од најлон, картон, селотејп, изолир траки, хартија, додека на третото место се пласираа учениците од СОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево, со креацијата „Кралица Елизабета“ изработена од отворачи за лименки, пластични кеси, хартија и жица.

Годинава, на натпреварот учествуваа тимови од 38 средни училишта во Македонија.

Училиштата ги претставуваа своите модни креации на тема „Филмски и цртани ликови“ меѓу кои Ѕвончици, Пепелашки, Спајдермен, Ѓаволот носи Прада, Малефисиенти и многу други изработени од различни видови отпад како: пластични кеси, хартија, жици, старо компјутерско столче.

Жирито кое одлучуваше за првите три места беше составено од Бранислава Јанковска – Fashion Lover, Катарина Ивановска – светски познатата манекенка и Бојан Трајковски – фронтменот на музичката група „Eye Cue”.

Наградниот фонд го обезбедија Божиновски и Еуро-Екопак ДОО кои доделија вредносни ваучери на победничките тимови.

Trash Fashion Macedonia 2016 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ а се оддржува по повод 5-ти jуни – Светскиот ден на животната средина и е единствен настан во регионот од ваков вид, кој веќе пет години по ред предизвикува огромно внимание во домшаните и странските медиуми.