Краудфандинг кампања од милијарда долари за да се избрка Трамп од Твитер

Поранешниот агент на ЦИА, Валери Плејм, покрена необична кампања за да го избрка американскиот претседател Доналд Трамп од неговиот омилен медиум – Твитер.

Во проектот наречен „Ајде да го #КупимеТвитер и #БанТрамп“, Плејм кој во 2003 година стана популарен бидејќи беше отстранет како шпион од администрацијата на Џорџ Буш, сака да собере 1 милијарда долари преку краудфандинг платформата Go Fund Me. Доколку успее во планот, кампањата ќе се обиде да купи потребен број акции на Твитер и да го затвори Твитер профилот на Трамп, пренесува магазинот Fortune.

Во повикот на кампањата, Плејм вели дека укинувањето на профилот е потребно за да се спречи, навиката за бомбастични твитови на претседателот, да предизвика војна со Северна Кореја:

„Време е да го исклучиме. Лошата вест е дека Твитер ги игнорира повиците да ги спроведе своите стандарди и да го избрише профилот на Трамп. Добрата вест е дека можеме да ја донесеме таа одлука за нив. Твитер е акционерско друштво. Акциите се контрола. Оваа акција е за собирање средства и за купување на контролирачки пакет акции во Твитер. Според сегашната пазарна вредност ќе биде потребно преку милијарда долари – но тоа е мала цена за да го тргнеме Трамп од неговиот моќен мегафон и да спречиме ужасна нуклеарна војна“.

Досега собрани се околу 60 илјади долари, преку скромни поединечни донации, иако трендот на донирање се зголемува по популаризирањето на кампањата.

Магазинот, сепак вели дека идејата нема да функционира. Прво, затоа што е скоро невозможно да се приберат милијарда долари преку краудфандинг кампања и второ – затоа што и толку многу пари веројатно нема да бидат доволни.

Сегашната пазарна вредност на Твитер се проценува на околу 12 милијарди долари и за разлика од Снепчет и Фејсбук, компанијата нема посебни класи на акции кои имаат поголема моќ на одлучување. Тоа значи дека кампањата „БанТрамп теоретски би контролирала околу 8% од Твитер, што не би гарантирало дека управниот одбор би се согласило на промени.

На сајтот на кампањата стои и дека доколку акцијата не биде успешна во намерата да ја промени политиката на Твитер, собраните пари ќе бидат донирани на анти-воената организација „Project Zero“.

Портпаролот на Твитер одбил да коментира во врска со кампањата.