Краток филм за студентскиот дом „Гоце Делчев“ денеска премиерно на „МакеДокс“

Вечерва во 19:00 часот, во киното Фросина во МКЦ ќе бидe прикажан краткиот филм кој раскажува за состојбата во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Документарецот насловен ,,Зелени ѕидови, црна храна’’ на Сандра Ѓорѓиева зборува за секојдневието на студентите сместено во овој дом.

„1200 студенти преживуваат, а не живеат во студентскиот дом Гоце Делчев. За поправка на лифтот се чека и до три недели. Немаат кому да се обратат за подобрување и одржување правилно на она кое четири години треба да го нарекуваат свој дом. Помеѓу зелените ѕидови и црната храна живее иднината на Македонија. Дозволуваме најубавите години да ги минуваат во беда, да учат во неподносливи услови а потоа да имаат волја да го креираат ова општество, кое не ги ни третира како достојни да го промени опкружувањето во кое опстануваат.

Покрај ова, посетителите на Македокс вечерва ќе имаат можност да ги видат и филмовите: „Живот во движење“ на Игор Христов, „Бродот што никогаш не поминал“ на Александар Спасоски, „На точак“ на Горјан Атанасов. За вечерва е предвидено и финалето на работилницата за ритам, реализирана по идеја и концепт на Братко Бибич, Петра Селишкар, Едуардо Раон и Тони Китановски, со изведба во живо на нова музичка подлога за познатиот филм на Ѕига Вертов „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година, ќе се одржи во Куршумли ан. Работилницата е организирана во соработка со Кинотеката на Македонија и Кинотеката на Словенија.