Краткиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска вечерва во МКЦ Парк

По светската премиера во Кан на најпрестижниот светски филмски фестивал, регионалната премиера во Сараево, италијанската премиера на фестивалот „Конкорто“ во Пјаченца и македонската премиера на фестивалот „Браќа Манаки” во Битола, вечерва во МКЦ Парк скопската публика ќе може да го види филмот „Северен пол” на Марија Апчевска-Петровска со почеток во 20 часот.

Главните улоги ги толкуваат: Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија Владимир Самоиловски, костимограф Билјана Гргур, сценограф Кирил Спасески, монтажер Драган Вон Петровиќ, шминка Горан Игњатовски, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков.

Филмот е во продукција на „Кино око” во копродукција со „Сервиа филм” и „Форгрејд” од Србија и „Тиволи продукција” од Унгарија. Финансиски е подржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Српскиот филмски центар.

По оваа проекција, следуваат учества и во официјалните селекции на фестивалите во Тирана, Рекјавик, Батуми и други реномирани фестивали.