Кратки филмови од Игор Иванов – Изи вечер во „Котур“

Во „Котур“ вечер од 21 часот ќе се проектираат кратки филмови од македонскиот режисер Игор Иванов Изи.

После проекциите присутните ќе имаат можност да постават по некое прашање на режисерот, кој ќе биде присутен на самите проекции.

Прв најавен филм е „Ќебето на Ацо Шопов“ од 1996, правен во соработка со  Драган Абјаниќ, Бранд Феро и култната македонска хип-хоп формација Чиста Околина.

Потоа ќе биде проектиран краткиот „Часовник“, филм за клаустрофобичната немоќ за комуникација со надворешниот свет.  Добитник е на награда за најдобар краток филм на конкурсот на Советот на Европа во 1997 година.

Содржината за третито филм „Бубачки“ е следна:  Петар е аутистично момче кое живее во сопствен свет, заштитен од очајната реалност и од дезинтеграцијата на неговото семејство. И покрај тоа, реалноста продира во неговиот свет и го уништува. Петар се одмаздува.

По известувањето за татковата смрт Петар се сеќава на своето трагично детство: Таткото на Петар работи на споредна железничка станица. Тој е алкохоличар, исфрустриран од некој неуспех во шаховски турнир. Ја малтретира мајката. Поради тоа Петар живее затворен во сопствениот свет во кој доминира неговата опсесија од бубачките.

„Верувам во љубовта“ од 2013 прикажува приказна за улиците во ромските маала, полни со живот, во дворовите си играат деца, а зад затворените врати на трошните домови владее сурово насилство.

„Љубовникот“ е насловот на нoвиот краткометражен филм по сценарио и во режија на Игор Иванов Изи. Она што е специфично е дека е снимен во манирот на старите неми филмови од 30-тите години на минатиот век. Снимањето, кое се одвиваше во скопската населба Карпош 2, заврши пред неполни два месеци, а сега филмот е во завршна фаза на пост-продукција.