„Крале Марко по вторпат“ е избрана за најдобра поема за наградата „Григор Прличев“

Поемата „Крале Марко по вторпат“  на Славчо Ковилоски од Скопје е избрана за најдобра поема на конкурсот за најдобро поетско дело „Григор Прличев“ за 2018 година. Станува збор за престижна награда што секоја година се доделува во чест на славниот охридски преродбеник.

Ковилоски, роден 1978 година во Скопје, е автор на збирката раскази „Лоша тетка и други раскази“, има напишано и две монодрами „Синот на Волкашин“ и „На Ножот“, три збирки поезија „Сонцето повторно ќе изгрее“, „Поезија во движење“ и „Барутна поезија“, романите „Опасен сум“, „Сонување“ и „Синот на Кралот“ и повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Имал повеќе настапи и предавања за урбаната култура во ширум земјата, како и во странство (Њујорк, Загреб, Белград, Софија).

Неговите дела се преведувани на повеќе европски јазици. Бил главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и работи во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Добитник е на повеќе награди, меѓу кои наградата за наука „3 Ноември“ и за поезија „Јован Котески“. Во 2018 година како еден од најмладите добитници ја примил најголемата државна награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката за монографијата „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси).