Објавен е македонскиот превод на романот „Крајот на патот“ од молдавско-романската писателка Лилјана Коробка, во превод на Ермис Лафазановски. Романот нуди потресна приказна за меморијата, љубовта и човечката издржливост, поставена во едно од најмрачните поглавја на европската историја.
Книгата го следи животот на Ана Блажински, жена која преживеала депортација, војна и глад. Нејзината правнучка ја посетува во домот за стари лица, но разговорот за сегашноста се претвора во враќање кон минатото. Ана раскажува за ужасите на депортацијата во Казахстан, животот во војна и глад, и надежта која ѝ помогнала да издржи.
„Приказната има моќ, приказната го изгонува нечестивиот, ама ја изгонува и смртта“, вели Ана, поставувајќи прашање дали на крајот од патот е заборавот или вистината.
Книгата е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ на Креативна Европа и Министерствата за култура на Македонија. Достапна е во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот „Антолог“.
Лилјана Коробка (1975) е добитничка на повеќе книжевни награди, а Ермис Лафазановски (1961) е современ македонски романописец и преведувач на повеќе романи од романските автори. Проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ ја поддржува дистрибуцијата и промоцијата на ова дело како дел од иницијативите за културна разновидност, родова еднаквост и одржлив развој.



