Ковачевски: Рекламите на мојот профил на социјалните мрежи не се плаќаат од буџетски средства

Откако објавивме дека преку Фејсбук страницата на премиерот Димитар Ковачевски за реклами поврзани со „социјални прашања, избори или политика“ биле потрошени речиси 24 илјади евра за три месеци, тој на денешната прес-конференција во Владата изјави дека за овие реклами не се користени буџетски средства.

Ковачевски посочи дека ваквата комуникација се прави во рамки на неговиот тим што е надвор од Владата, со оглед на тоа што, како што додаде, тие се однесуваат на спроведување социјалдемократски политики.

„Не сметам дека се прави било што погрешно. Сметам дека дел од мојата работа и дел од работата на тимот кој што работи на комуникацијата на тоа што јас го работам е исто така транспарентноста, и да ги информира граѓаните, што работат избраните функционери и именувани функционери во однос на прашањата кои што нив ги засегаат. Дилемата е сега која што вие ја поставувате, дали таа комуникација треба да се прави преку билборди, дали треба да се прави преку видеа, преку други комуникациски канали. Ние, кои што работиме во мојот комуникациски тим, сметаме дека во денешно време, ако сакате да прикажете нешто на публиката, на јавноста, да комуницирате со неа, ова е начинот на кој што тоа се прави, со оглед на современите трендови, очекувања и потреби на граѓаните, за добивање информации и начини на кои што тие добиваат информации“, рече Ковачевски.

Инаку, Радио МОФ денеска објави дека преку Фејсбук страницата на премиерот целокупно биле потрошени 34.520 евра во период од две и пол години, а од оваа сума речиси 70% се потрошени само во последните 90 дена, односно 23.899 евра.

Преку страницата на премиерот Димитар Ковачевски потрошени 24 илјади евра за 3 месеци за реклами на Фејсбук и Инстаграм