Ковачевски: Мора да се балансира помеѓу она што го бара СОНК и она што го нуди буџетот

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360“ на ТВ Алсат-М, истакна дека дијалогот со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е отворен и дека се разговара за рамка, односно методологија која што ќе овозможи без политички влијанија во иднина да расте платата на работниците во овие дејности.

Тој дополни дека се прават консултации и калкулации во Министерството за образование и наука и во Министерството за финансии за да се видат можности што буџетот може да го поддржи во оваа кризна година.

„Јас сметам дека треба да има зголемување на платите во образованието, меѓутоа мора да бидеме свесни дека ова е најкризната година после Втората светска војна и мораме да се грижиме државата да може да ги финансира сите свои обврски што ги презеде. Гледате дека и во најголема криза ја покачивме минималната плата и ги зголемивме пензиите коишто се плаќаат пред време“, нагласи премиерот Ковачевски.

Неговата изјава доаѓа по најавениот гнерален штрајк на СОНК, кој ќе започне од 11 април во училиштата и градинките, по неуспешните преговори со претставниците на Владата за нивните барања за зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.

Премиерот Ковачевски во синоќешното интервју посочи дека во овој случај, одговорноста не е само во едноставно зголемување на платите, и дека постои можност за дополнителен инфлаторен притисок.

„Разговарав со претставниците на советот на Народната Банка, од причина што доколку ги зголемите платите колку што е вкупно барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А, дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, таа после многу кратко време нема да вреди. Ако се зголеми инфлацијата тогаш обврската на Народната Банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки, што значи дека и долговите кои што ги имаат тие граѓани на тековни сметки на кредитни картички со зголемувањето на каматните стапки, ќе се зголемат и нивните обврски за плаќање. Затоа мора да се балансира решението помеѓу она што го бара синдикатот и она што го нуди како можност буџетот бидејќи веќе сите тие граѓани добиваат субвенција за струја, намалено ДДВ за храна итн“, рече тој во емисија на ТВ Алсат-М.

Барањето на СОНК е усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува на 18.000 денари. Дополнително од Синдикатот бараат минималната плата во иднина да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор.