Коста Петров е новиот директор на Фондот за иновации и технолошки развој

Потпретседателот на СДСМ и поранешниот портпарол на Министерството за здравство, Коста Петров, е именуван за нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Доаѓа на местото на Јован Деспотовски, кој раководеше со Фондот три години.

Петров преку објава на својот Фејсбук профил најави дека ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.

„Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Македонија како регионален стартап хаб во регионот. Македонија има многу потенцијал, има многу паметни и мотивирани млади луѓе. Ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме и да им помогнеме да ги реализираат своите цели“, напиша Петров, кој има 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на маркетинг агенцијата „Пи Ворлд“.

Деспотовски, пак, е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Тој вели дека зад себе остава многу успешни приказни.

„Оставаме функционален модел на работење кој е функционален и несвојствен за една државна институција, каде нема врски, книшки и роднини/пријатели туку исклучиво отворен и јасен процес, базиран на вредности. Ова мора да го задржиме и да се шири и натаму“, порача тој.