„Корумпирани пејзажи“ изложба на Оливер Мусовиќ за градежната корупција и нелегалните градби

Уметникот Оливер Мусовиќ во четврток ќе ја отвори својата самостојна изложба со наслов „Корумпирани пејзажи“. Изложбата ќе се одржи со почеток од 20 часот во Мобилната / Монтажната галерија на Центарот за современа уметност, поставена во Паркот на Франкофонијата во Скопје.

Мусовиќ со „Корумпирани пејзажи” преставува неколку нови, досега неизложувани дела / фотографски серии кои откриваат просторни практики на корупцијата и корозија на економскиот и граѓанскиот ред во Македонија – нелегална градба, корупција во градежништвото и сл.

„Со преставување на овие предели се надевам ќе се направи јасна врска помеѓу конкурентните интереси и мрежите на моќ кои овозможуваат да надвладее посебен интерес во просторните политики. Пејзажот денес е социален конструкт, на кој човекот влијае и го менува со изградба, па така станува поле на постојан конфликт и компромис помеѓу она што е зададено и ограничено од страна на општиот интерес преку разните нивоа регулација и приватните интереси кои се обидуваат ја зголемат својата сфера и да ги изиграат зададените правила. Во таа борба на интереси се создава еден зачуден простор кој е и познат и туѓ во исто време, простор кој има нивои на значење кои не се секогаш сфатливи.“

Оливер Мусовиќ е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997, каде што и магистрирал во 2004.

Самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни графички изложби и изложби на современа уметност низ целиот свет, меѓу кои позначајни се „Последици – Менување на културниот пејсаж, Тенденции на ангажирана пост-југословенска современа фотографија“, Љубљана и низ Европа во 2014-14, “History, Memory, Identity: Contemporary Photography from Eastern Europe”, Модена, 2009; Букурешкото биенале, 2008; Солунското биенале, 2007; „Во Балканските клисури“, Касел, 2003, Европско биенале на современа уметност – Манифеста 4 во Франкфурт, 2002, како и на Истанбулското биенале, 1999.

Учествувал и на неколку резиденцијални престои во Кореја, САД, Франција и Швајцарија.

Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фотографската фондација, Модена; Neuer Berliner Kunstverein, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње;  Модерна Галерија/Музеј на современа уметност, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје.

Неговите дела се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература, како “Autobiography” (Thames and Hudson, 2004), “Vitamin Ph – New Perspectives in Photography”, (Phaidon, 2006), “Photo Art, Photography in the 21st. Century”, (Aperture, 2008).

Реализирањето на изложбата во Мобилната / монтажната галерија на ЦСУ е овозможено со поддршка на Општина Центар.