Коронавирусот им стана ноќна мора на луѓето, покажува студија

Коронавирусот на луѓето буквално им стана ноќна мора, покажува една финска студија за сон, каде биле вклучени стотици волонтери. Тие им ги раскажаа своите соништа на научниците од Универзитетот во Хелсинки за време на карантинот наметнат поради пандемијата, во првиот дел од годината, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Соништа за изгубени пасоши, затворени граници, за многу луѓе во мали простории и за смртта се повторуваа одново и одново во сведоштвата на волонтерите. Ракувањата и прегратките исто така станаа ноќна мора. Луѓето кои го сонувале тоа, го доживуваа како непристојно кршење на правилата за физичко дистанцирање.

„Соништата обично се приватна работа, но кога околината брзо се менува за толку кратко време, се чини дека многумина ги имаат истите асоцијации“, рече психологот Ану-Катрина Песонен, водечката авторка на студијата.

Студијата е објавена во списанието „Frontiers in Psychology“, а во неа учествувале 4.000 Финци.

Една четвртина од учесниците пријавиле повеќе кошмари отколку пред пандемијата, а една третина почесто се будела во текот на ноќта. Но, повеќе од половина од учесниците спиеле повеќе од вообичаеното, делумно затоа што работеа од дома.