Kоронавирусот го откажа протестот „Балканот бара чист воздух“ во Скопје

Поради појавата на коронавирусот, во Скопје и Сараево е откажан протестот „Балканот бара чист воздух“, кој требаше да се одржи денеска (28 февруари) во повеќе главни градови на Балканот.

Протестите беа закажани во девет градови. Во Бања Лука и Зеница најавено е дека сепак ќе има протест, додека во Белград, Приштина, Призрен и Подгорица активистите место протест ќе излезат со свој перформанс. Во Подујево, пак, ќе се организира потпишување петиција за чист воздух.

Од скопскиот огранок на Fridays For Future, кои се дел од организацијата на протестот, објаснуваат дека основниот принцип на нивното движење е грижата за здравјето и безбедноста на граѓаните, велејќи дека собирот не сакаат да претставува закана за нив.

„Во таа насока, сакаме да потсетиме и дека кога епидемијата ќе биде ставена под контрола, климатската криза и загадувањето ќе останат најголемите егзистенцијални проблеми на оваа и сите други држави. Време е ова внимание и ажурност да ги насочиме и на најголемиот непријател, не само на најнепосредниот“, се вели во соопштението на Fridays For Future.