„Корка“ ја освои наградата „People’s Choice“ на меѓународен натпревар во Брисел

Младиот кочански рок бенд „Корка“ ја доби наградата „People’s Choice“ на „Imagine Music Experience“, што се одржа на 14 декември во Брисел, Белгија, информираат од Музичка младина на Македонија (ЈМ Macedonia).

Оттаму посочуваат дека бендот доби најмногу гласови од публиката на онлајн гласањето и беше македонски претставник на овој меѓународен натпревар за млади музичари од 13 до 21 година, во организација на „JM International“. Се работи за глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, која ги поддржува младите таленти преку натпревари, едукација, вмрежување и настапи на интернационални сцени.

„Ова е прво меѓународно признание за Македонија на ‘Imagine Music Experience’ и четврта година по ред учество на MMM со национален финалист“, соопштија од Музичка младина на Македонија.

Бендот „Корка“ носи гранџ ноиз рок со звучен потпис од Кочани, а, како што велат, со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакнале меѓу учесниците од повеќе европски земји.

„Признанието ‘People’s Choice Award’ претставува значаен поттик не само за младите музичари од Кочани, туку и за целата млада музичка сцена во државата. Музичка младина на Македонија упатува посебна благодарност до Ива Дамјановски, координаторка на проектот ‘Imagine Македонија’, за нејзината посветеност и поддршка. Благодарност и до сите поддржувачи на проектот, меѓу кои ‘Мртов Коњ’ и ‘Гола планина колектив’, кои придонесоа за успешната реализација на националниот и меѓународниот настап“, соопштија од Музичка младина на Македонија.

Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. „Корка“ се истакнаа со нивниот истонасловен албум, издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија. 

Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Инаку, на меѓународното финале во Брисел, покрај македонскиот претставник, учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Победник на натпреварот беше белгискиот рок бенд Crimson Bullet Generation.