Користењето на Фејсбук не носи психолошка штета, покажа студија

Преку студијата е анализирана  психолошката благосостојба на луѓе од 72 земји, откако почна да расте и да се шири употребата на Фејсбук.

„Мета“, компанијата во чија сопственост е Фејсбук, се соочува со критики од свиркачи и медиумски извештаи кои се базираат на протекувања кои сугерираат дека истражувањата на самата компанија покажале негативно влијание кај дел од корисниците.

Професорот Ендрју Пржибилски, изјави дека студијата се обидела да одговори на прашањето: „Како што земјите стануваат се позаситени со социјалните медиуми, како изгледа благосостојбата на нивното население?

„Обично се мисли дека користењето на социјални мрежи е лоша работа за благосостојбата кај луѓето. Но, податоците што ги собравме и податоците што ги анализиравме не покажаа дека тоа е така“, посочил тој.

Рецензираното истражување на професорот Пржибилски и коавторот Мати Вуоре се заснова на голема количина на податоци обезбедени од Фејсбук. И двајцата истражувачи се независни од компанијата и истражувањето не беше финансирано од компанијата.

Фејсбук им даде на истражувачите податоци кои покажуваат како растел бројот на корисници во секоја земја помеѓу 2008 и 2019 година поделен во две возрасни групи, 13-34 и над 35 години.

Тимот ги спореди овие податоци со некои за благосостојбата што претставуваат речиси милион луѓе, регистрирани од Светската анкета на Галуп.

Генерално, истражувачите велат дека не нашле докази дека зголеменото ширење на социјалните мрежи е поврзано со негативно влијание врз психолошката благосостојба.

Но, извештајот го разгледува само целокупното влијание на употребата на Фејсбук на национално ниво. Општите наоди не да го откриваат влијанието на употребата на Фејсбук врз лица од ранливи групи.

Исто така, во анализата не се опфатени ризиците од одредени видови содржини, како што е материјалот што промовира самоповредување.