Користењето моторни возила низ недопрени предели го вознемирува дивиот свет, реагираат од МЕД

Инцидентот со неовластеното користење на ратраци, за што викендов известија од Националниот парк „Шар Планина“, не претставува само кршење на важечката регулатива за движење со моторни возила во заштитеното подрачје, туку и загрозување на природните вредности и дивиот свет што живее во овој – инаку најмлад – национален парк во земјата, реагираат од Македонското еколошко друштво (МЕД)

Оттаму нагласуваат дека користењето на моторни возила низ недопрените предели и неуредени падини, односно низ заштитени зони кои не се предвидени за тоа, претставува огромно вознемирување за тамошниот див свет.

„Токму извонредните природни вредности и исклучителната разновидност на растителни и животински видови беа клучната причина заради што овој регион стана национален парк во 2021 година, со цел нивна заштита и зачувување како главна мисија“, посочуваат од МЕД.

Според МЕД, човекот треба да ужива во природата и да ги користи екосистемските услуги што таа ги нуди, но не по цена на нејзина деградација.

„Оттука, Македонското еколошко друштво потсетува дека зачувувањето на природата е можно само доколку се почитува постојната законска регулатива. Се надеваме дека актуелизирањето на ваквите инциденти ќе доведе до подигање на јавната свест, со што ќе се намали бројот на случаите кога забораваме дека човекот не е над природата, туку составен дел од неа“, нагласуваат од МЕД.

Претходно викендот, од Националниот парк „Шар Планина“ информираа за диво движење со ратрак-машини на нивната територија.

Во акцијата, како што рекоа, службени лица извршиле контрола заради заштита на природните вредности на Шар Планина, но сепак се случил немил настан, кога дел од присутните влегле во конфликт со службите и ги нападнале.

„Немилиот настан врз вработените во Јавната установа претставува напад врз државата, правниот поредок и директно влијае врз интегритетот на институцијата како и на секој нејзин вработен […] По нашето барање за помош, не беа преземени мерки против сторителите, ниту пак беше спречено понатамошното користење на возилата. Присутните го напуштија местото со скандирања и навреди. Поради сериозноста на настанот, веднаш по завршување на случувањето се упативме во Полициската станица во Тетово и поднесовме соодветна пријава“, реагираа од НП „Шар Планина“.

Вчера, пак, излезе ново соопштение со кое Паркот ја информираше јавноста дека „по спроведен конструктивен дијалог и институционална координација“, постигнат е договор со операторот „Eskimo Sport“, кој врши дејност скијање со ратрак-машини, како и со ресторанот „Арена“, вршител исклучиво на угостителска дејност на територијата на Паркот.

„Операторот ‘Eskimo Sport’ изрази целосна подготвеност за почитување на Планот за управување, Планот за движење на моторизирани возила, како и на останатите одлуки и акти што Националниот парк Шар Планина ги има донесено за регулирање на оваа материја. Јавната установа НП ‘Шар Планина’ му додели Благодарница на операторот ‘Eskimo Sport’, како признание за подготвеноста за усогласување со институционалните процедури, како и за фактот дека претставува прв оператор од ваков тип туристичка дејност“, стои во соопштението на НП „Шар Планина“.

Бојан Шашевски